Ве запознаваме со популарниот дански концепт на филозофија на живеењето наречен “hygge”.

Hygge се однесува на сè што нè опкружува и самиот збор опфаќа многу значења. Се однесува на убав и удобен живот, начин на уредување, начин на облекување, на живеење на секојдневието, на мислење. Означува почитување на естетиката и убавото, кај луѓето и материјалните нешта. Едноставен, а исполнет живот со посебен акцент на пронаоѓање на среќата во малите секојдневни работи. Враќање во време во кое точно се знаело од колку до колку се работи, а кога е време за одмор со пријателите.

Во свет во кој технологијата напредува со брзина на светлината, hygge значи уживање во сопственото друштво, во убава книга или филм, вкусна храна, во случајна средба со драга личност. Не е ни чудо што концептот на еден од најсреќните народи во светот стекна огромна популарност и полека почнаа да го усвојуваат многу други народи.

Ние денес ќе се осврнеме на тоа како да го вклопите овој концепт при уредувањето на домот, со цел да ви биде удобно и убаво на местото каде што живеете, да се будите посреќни, позадоволни, да внесете позитивна енергија, да се ослободите од нередот и едноставно да се препуштите на среќата и малите животни задоволства.

Добар дизајн

Данците повеќе внимание посветуваат на оригиналниот и фукционален дизајн отколку на еднообразноста во изгледот на куќите и становите за живеење. Посветете време да обмислите како е дизајниран ентериерот и екстериерот на вашиот дом, отколку само да нафрлате нови и нови работи кои повеќе сметаат, отколку што служат.

Убаво осветлување

Осветлувањето во домот е една од најважните работи за hygge амбиент. Избегнете ги класичните начини на осветлување и наместо тоа, инвестирајте во интересни столни ламби или сијалички. Целта е со светлоста да се постигне пријатен и опуштен амбиент.

Свеќи

Нема потреба на долго и на широко да објаснуваме како свеќите ја менуваат атмосферата во домот. Ставете свеќи во дневната, спалната, кујната, дури и во бањата. Одберете миризливи свеќи за двоен ефект.

Катче за одмор

Вие самите најдобро знаете во што уживате. Дали е тоа катче за читање покрај прозорецот или удобна фотелја со мала масичка за кафе или чај, изборот е голем. Важно е да имате мал простор наменет за вашите ритуали.

Цвеќе

Букет свежо цвеќе или некое интересно зелено растение во домот е дел од hygge филозофијата. Цвеќето прави огромна разлика. Пробајте, нема да згрешите.

Природни материјали

Природните материјали се клучен дел за удобен престој. Купувајте памучни или свилени постелнини, навлаки и топли ќебенца за зима, и мноооогу перничиња.

И за крај, никој не може да ви го уреди домот според hygge бидејќи сето тоа е индивидуално, не постои една точна дефиниција за сите. Важно е тоа да биде место кое ќе ве полни со позитивна енергија и во кое ќе уживате во поминатото време.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваНезаборавен одмор во Hotel Sextantio Albergo Diffuso!
Следна објава14 Совршени пролетни фустани!
Креативната страна на животот под поинаков агол, каде важи правилото "less is more" е она што го опишува овој член на креативното семејство. Со оптимистичен пристап и позитивна енергија, сиот труд го насочува кон доброто и инспирацијата, кон вистинските вредности; како што е уметноста и квалитетниот креативен израз. Со поедноставување на животот, стои рамо до рамо со останатите креативци во тимот на Divian Arts.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР