Во обид да ви дадеме инспирација и предлог да направите нешто позитивно во својот живот, овојпат во категоријата Македонски креативци ви ја претставуваме инструкторката по јога Марина Антониева и нејзиното студио Namaste Yoga во Скопје. Во продолжение прочитајте го интервјуто во кое таа ни раскажа за себе, за љубовта кон јогата и желбата да го пренесе нејзиното знаење на сите што сакаат да ги осознаат техниките и придобивките на јогата како начин на живот.

Марина за себе вели дека е вљубеник во природата и животните, смирена, ненаметлива и ведра личност која се труди да има разбирање за секоја ситуација и постапки од страна на луѓето кои ја опкружуваат. Смета дека самата најдобро се познава, ја знае својата цел во животот и се труди на праведен и мирољубив начин да го живее секој ден, трудејќи се да ги достигне своите идеали без да наштети на ниту едно живо суштество. Вели дека на една рака се бројат луѓето кои ја знаат нејзината вистинска природа и има огромна благодарност и љубов кон тие најсакани личности – нејзините родители, нејзината сестра и сопругот, за кој вели дека има потполно разбирање за неа.

DA: Марина, што е она што те мотивира и инспирира во секојдневието?

Ме инспирираат луѓе кои не се споредуваат со останатиот свет, имаат големи срца полни со љубов и разбирање, знаат дека со разговор може сè да се реши, нема потреба од повишување на тон или докажување на својата вредност преку материјални нешта. Имаат визија за својот живот, не се водат според толпата туку размислуваат со своја глава и наоѓаат решенија без драматизирање. Навистина се воодушевувам на оние луѓе кои во секое време успеваат да ја задржат присебноста, секој пат се издигнуваат над моменталната ситуација гледајќи ја од секој агол и со чисто срце и искрена љубов пристапуваат кон секој нов ден, секој нов предизвик и секое ново пријателство. Тоа е она што ме мотивира да работам на себе и да се развивам во посакуваниот правец.

DA: Од каде интересот и желбата за вежбање јога?

Отсекогаш ме привлекувала источната религија, нивниот светоглед и начин на живот. Се сеќавам кога имав околу 10 години дома најдов книга – „Враќање, наука за реинкарнација” од која се воодушевив по само неколку прочитани страници. После неколку години, кога го прашав татко ми од каде ние имаме книга која ја разработува таа тематика, знаејќи дека кај мене дома не се многу заинтересирани за оваа област, неговиот одговор беше дека знаел дека еден ден ќе има ќерка што ќе ја интересираат овие теми па затоа и ја купил. Ова е уште една коцка која се вклопува во мозаикот на моето размислување дека ништо не е случајно, сите работи ни се случуваат за да нè научат на нешто или да ни помогнат да созрееме, да се смениме на подобро.

Следствено на ова, јогата е многу природен процес кој ми го овозможува токму тоа – да се запознаам подобро себеси, да ги откријам и работам на своите бариери (телесни, умствени и емоционални) и со помош на свесното дишење да го внесам моето битие во сегашниот момент без галамата која вообичаено ми ја прави умот. Првиот човек кој полека ми го откриваше светот на јогата беше учителот Владимир Ѓеорѓиев. Потоа продолжив сама да учам, да читам и на себе да ги осеќам ефектите од редовното вежбање. Ова водеше до мојата желба да го пренесам стекнатото знаење и љубов кон јогата со сите кои се заинтересирани да дојдат на моите часови, па така го завршив курсот за јога учители кој е признаен од најголемото јога здружение Yoga Alliance, каде го верификував моето знаење и долгогодишниот труд.

DA: Кажи ни нешто повеќе околу процесот на вежбање јога. Кои се придобивките на јогата?

Според мене, јогата не е само положбата на телото кога ќе се наместиме во одредена асана. Јогата не е само тие 2, 3 часа во неделата кои сме ги одредиле за вежбање. Јогата е состојба на умот, како се однесуваме кон самите себе и кон оние со кои сме во постојан контакт, каде ни оди вниманието и какви ни се мислите кога сме сами со себе. Каква енергија шириме околу нас и со каква намера пристапуваме кон секоја ситуација. Бидејќи како што кажал Sri K. Pattabhi Jois, таткото на Аштанга: „Јогата е внатрешна пракса, сè друго е само циркус”. Затоа и на нашите часови се трудам да им пренесам на тие што вежбаат да се поврзат со дишењето, да работат на себе како да се сами во просторијата, свесно да се движат од положба во положба и да дозволат телото да им покаже до каде се спремни да одат.

Тесната поврзаност помеѓу јогата и другите аспекти на животот започнува преку забележување на своето тело, флексибилноста, агилноста и силината која ја имаме.
Ова нè мотивира да носиме здрави одлуки – што внесуваме во себе и колку често ги елиминираме непотребните материи. Со тоа ни се подобрува квалитетот на исхраната и на сонот, учиме да се одмораме кога имаме потреба од тоа и да не одиме со сила против своите можности. Го тренираме умот да биде присутен и свесен за тоа што се случува во моментот, вниманието не нѝ се распрскува на небитни размислувања и со тоа учиме да живееме во сегашниот момент.

DA: Раскажи ни малку околу часовите во студиото, како и нешто повеќе за самото студио.

Отсекогаш сум сакала да имам студио во кое секој ќе работи на себе, ќе се надоградува и ќе се развива на секое поле – умствено, емоционално и физички. Полека желбата ми се остварува, а за во иднина имам планови чија реализација сметам дека ќе донесе радост кај многу луѓе. Во нашето студио вежбаме Vinyasa Flow јогa која претставува динамично движење кое поттикнува интензивна внатрешна топлина и лачење на пот со што го прочистуваме организмот од токсини и непотребни материи, ги топиме масните наслаги и ја забрзуваме циркулацијата во телото. Часовите се навистина активни и потребна е концентрација, физичка подготвеност и најбитно од сѐ – чист ум без предрасуди кон самите себе (дека можеме или не можеме нешто да направиме), за да се препуштиме на оваа медитација во движење.

Вежбите се базираат на традиционалната Аштанга јога практика и содржат положби за подобрување на балансот, развиваат мускулна сила, издржливост и флексибилност. Истовремено претставуваат ефективно решение за менаџирање на стресот и живеење во потполна хармонија со сѐ што е дел од нашето секојдневие. Часови имаме секој ден – утринска јога од 07:00 и 07:30 наутро и вечерни часови од 18:30, 19:00 и од 20:00. Вежбаме на две локации – во Тафталиџе – Namaste Yoga и во Кисела вода во Фитнес Студио Мој тренер.

DA: За крај, која би била твојата порака за сите креативци и уметници, кои се занимаваат или би сакале да се занимаваат со некој тип на уметност? Колку е важно тие да ги реализираат своите потенцијали кога е креативноста и уметноста во прашање и дали во денешно време има услови за тоа?

Што се однесува до сите креативци, уметници и луѓе кои имаат порив да создаваат нешто, да се занимаваат со уметност и воопшто со она што им причинува радост, а не обврска со која ќе дојдат до материјални примања за достоен живот, имам препорака да го слушаат своето срце, а умот да го користат за да стигнат до саканата цел.
Отворете го срцето, избистрете го умот, имајте храброст да ги реализирате соништата бидејќи јас искрено верувам во идејата дека не сме дојдени на овој свет само за да работиме, да плаќаме сметки и махинално да ги извршуваме обвските. Условите можеби не се сјајни за да се започне нешто свое од почеток, има доста ризици и препреки, бирократија и разно разни оправдувања и изговори, НО, има ли нешто потажно од неискористен потенцијал и еднолични денови? Кога нешто правиме со љубов и искрени намери, трудот секогаш се исплаќа. Можеби звучи излитено, меѓутоа тоа е она во кое јас верувам.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР