Скулптурата „Обичен човек“ на македонскиот уметник Жарко Башески ќе биде дел од изложбата со наслов „Господе! Дали е ова живо?!“ во музејот на модерната уметност „Аркен“ во Данска, која се отвора утревечер. Ова е групна изложба на триесетина светски уметници, на која ќе бидат претставени хиперреални скулптури што го прикажуваат човечкото тело. Изложбата ги поставува прашањата: што е живо, а што мртво и што е реално, а што вештачко?

Претходно, во изборот на уредниците на фотографија на познатито британски весник „Гардијан“ се најде фотографија од истата скулптура на Башески и тогаш неговото дело беше дел од изложбата „50 години хиперреалистична скулптура“ во Музејот на современа уметност во Монтереј во Мексико.

Скулптурата е дел од циклусот „Обичен човек“, чиј куратор е Горанчо Георгиевски. Делата на Башески се изложувани во повеќе галерии и музеи, има остварено повеќе скулптури во јавен простор (Александар Македонски, Гоце Делчев, Даме Груев, св. Кирил и Методиј…) и беше претставник на Македонскиот павилјон на 54-то Меѓународно уметничко биенале во Венеција во 2011 година. Интересот во неговото творештво е свртен кон човекот, па оттаму се јавува и интересот за хиперреалистичниот приод во обликувањето на концептот на делото.


Жарко Башески не бега од аспектите на реалноста на човековиот живот во општеството, туку жестоко ги анализира и непосредно и директно ни ги пренесува неговите погледи и размислувања преку своето творештво. Тој е во постојана потрага по онтолошки одговори за човекот и со тоа нè воведува во аутистичката празнина на денешното социоопштествено живеење и менување на вистината за себеси и за човековото постоење.

Башески е автор отворен за експерименти кон барањето нов пластичен израз и личен печат. Во провокацијата како за себеси, така и за другите, во своите експериментални бранувања концизно инсистира да се раскаже една животна приказна во делови, да ја раскаже приказната за обичниот човек и од неа да се постигне една нова и заокружена целина. Основната цел во делото на Башески е да се изразат слободата на авторот во мисловниот превод на личното доживување за светот во кој живееме и неговото естетско визуелно оформување како чин на себеспознанието.

Жарко Башески е роден во Прилеп на 11 август 1957 година. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 1988 година во класата на Петар Хаџи Бошков. Постдипломските студии ги завршил во 1998 година на матичниот факултет, во класата на Драган Поповски-Дада, каде што во тој момент работел како стручен соработник. Од 1988 година е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија каде што има остварено голем број активности (групни и самостојни изложби). Имал студиски престој во Лондон од 1979 до 1982 година. Живее во Скопје и работи како редовен професор на Факултетот за ликовни уметности.

 

СПОДЕЛИ
Претходна објаваЕвропски дестинации за меден месец со мал буџет!
Следна објаваЗнаете ли дека дневно правите 3 “здрави” грешки!
Креативната страна на животот под поинаков агол, каде важи правилото "less is more" е она што го опишува овој член на креативното семејство. Со оптимистичен пристап и позитивна енергија, сиот труд го насочува кон доброто и инспирацијата, кон вистинските вредности; како што е уметноста и квалитетниот креативен израз. Со поедноставување на животот, стои рамо до рамо со останатите креативци во тимот на Divian Arts.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР