1.1

Телото мое те моли:
Пронајди збор што личи на обично дрво,
што личи на дланки јагленосани и прародителски голи,
што е како чедност во секое молење прво.
За таков збор телото мое те моли.

Телото мое те моли:
Пронајди збор од кој – штом со крик ќе се рече –
несвесно крвта почнува да боли,
крвта што бара корито да тече.
За таков збор телото мое те моли.

Пронајди таков вистински збор
налик на сите мирни заробеници,
на оној ветар, оној развигор
што ги буди срните во нашите зеници.
Пронајди таков вистински збор.

Пронајди збор на раѓање, на лелекање,
пронајди таков збор. И овој храм
затворен во својата древност и голем од чекање
ќе ти се отвори покорно и сам.
Пронајди збор на раѓање, на лелекање.

~ Ацо Шопов

СПОДЕЛИ
Претходна објаваJimmy Choo ја лансираше прекрасната колекција на чевли за невести!
Следна објаваМини стан за деловна дама [30 м2]
Задолжена за најблагорoдната навика, наклонетоста кон книги. Стои на ставот дека умереноста е универзален клуч, нејзината перфекционираност јасно ги селектира информациите со кои врши промоција на книжевната уметност. Живеејќи неколку животи паралелно - како читател и автор, приврзаничка е на ендемичниот вид на автори, модерен конзервативец кога се во прашање вредностите на животот, а истовремено, вечна вљубеничка во убавото.

НЕМА КОМЕНТАРИ