Искри искрени

Имам едно прашање до Вас.
Да, „Вас“ се однесува на секој оној кој ја отвори оваа статија – дали од љубопитност, дали од лицемерие или чиста емоција, сосема е неважно. Моето прашање е, дали на Вас Ви се познати параметрите на вистинското пријателство? Прашувам најискрено, прашувам како дете. Прашувам затоа што мислев дека и јас знам. Знам да почувствувам, да препознаам и да го величам. Да го кажам и да го напишам, многу примери лесно можат да посведочат за тоа.
Но, мене предмалку нешто друго ми чукна на врата, ми стигна во инбокс. Не умеам да должам пред вистинските емоции. Оставам на Вас да прочитате и да си го одговорите прашањето сами на себе.

————————————————

Искри искрени.

 

Искра Донева, девојка која болскоти со својата цврстина и ведрина, поим за љубов искрена. На моја огромна чест и задоволство, ја запознав пред околу две години. Имено, влегов во сала каде што требаше да промовирам дел од нејзините хаику творби, толку мали по форма – а толку големи по својата духовна и уметинчка вредност.

Искра, каква што јас ја запознав е девојка која и покрај својот хендикеп, церебралната  парализа е неверојатно оптимистички насторена кон животот. Искра беше и Искра е девојка која ми се вгнезди таму некаде длабоко во залистоциве на срцето и реши да не ме напушта. Искра искри, навистина.

Во тек се подготовките за организација на хуманитарен настан кој се одржува во четврток со почеток во 20 часот во ,,Децата од нашата улица,, и е насловен како ,,За Искра,,. На настанот ќе имаме можност рамо до рамо да се дружиме со оваа извонредна девојка, и секако, да и помогнеме во собирањето на средствата потребни за третманот со матични клетки за лекување на церебралната парализа. Преку читање на нејзините хаику творби, продажба на нејзините книги и многу музика, четврточната вечер ќе и ја направиме незаборавна, пред се со добри луѓе и драги пријатели, познаници, роднини….

 

Нејсе, сакав да кажам нешто друго. Сакав да кажам дека е време да престанеме да живееме во ова медиокритетно општество во кое на лицата со хендикеп се гледа како на ,,гревчиња,, и ,,жалчиња,,. Сакам да кажам дека јас кон Искра пристапив сосема нормално, и кога ги открив нејзините интелектуални квалитети решив да ја сместам во мојата кратка листа на оние вистински пријатели. Сакам да кажам дека време е да ја запознаете Искра Донева, девојка која плени со својата уметност и својата поезија, девојка која зад себе има оставено многу книги преполни со искрени чувства и мирољубие.

Ако почнеме за го разгледуваме нејзиното уметничко творештво, морам најпрвин да ја споменам нејзината книга насловена како ,,Татко,,. ,,Татко,, е книга за нејзиниот татко, нејзината подршка и можеби првото лице од кое таа ја примира љубовта, и вредностите на животот. А ги има, дефинитивно. ,,Татко,, е книга и за мојот татко, книга за твојот татко!

Тука се и ,,Скакулче игра плочка,, и ,,Лазарополски хаикуа,, која мене ми е извонредно драга. Лазарополе со сите негови убавини преточени преку нејзините непресушни и најубави зборови.

И за крај би сакала да зборнам за ,,Јас, принцеза од бајки,, која ми е драг подарок од мојата драга Искра. Нејзино видување на принцезите со по некоја нишка од она како таа всушност го живее животот, со сите негови пречки и велелепни земски убавини.

 

Сакав накратко да ви ја доближам Искра. Девојка на која покрај тоа што и се потребни финансиски средства кои можете да ги донирате на следната жиро сметка

Искра Донева – за донации
Тутунска банка АД Скопје
Сметка број 210-700000596686

Искра е девојка која ја живее уметноста. Таа вдахнува таква силна љубов во своите дела што просто не можете да останете рамнодушни. Искра има завршено Компаративна книжевност што може да биде еден своевиден доказ за нејзината стручност.

Искра е родена за да твори. Исклучителен ум. Искра е мој дар од Бога кој не сакам да го испуштам. Искра е искра за која копнеам да почне да се движи и физички.

И сакам да кажам дека јас сум привилегирана. Јас ја имам Искра за другарка!

 

 

Софија Стојановска, јануари 2016

————————————————

Јас, не би имала што повеќе да додадам.
Освен дека би сакала да имам и да сум ваква пријателка.

Се гледаме во „Децата од нашата улица“ во четврток во 20 часот.

 

Коментари

коментари

СПОДЕЛИ
Претходна објаваУбавото Токио во вечерните часови
Следна објаваНеделна програма во Јавна соба (18.01.2016 – 24.01.2016)
Задолжена за најблагорoдната навика, наклонетоста кон книги. Стои на ставот дека умереноста е универзален клуч, нејзината перфекционираност јасно ги селектира информациите со кои врши промоција на книжевната уметност. Живеејќи неколку животи паралелно - како читател и автор, приврзаничка е на ендемичниот вид на автори, модерен конзервативец кога се во прашање вредностите на животот, а истовремено, вечна вљубеничка во убавото.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР