Славковите „Цветови“ | Ива Китановска

839e21893b30b575ca80818d4fbc8fcd

Повели, влези.
Добро дојде во мојот скромен, изнајмен дом.
(Се трудев да не делувам премногу љубопитна, а вистината беше дека немав премногу време да согледувам каде и како живее. Колку ми беше позната идејата да живееш во туѓ дом, да бидеш оној кој влегува во туѓа кожа и туѓи навики, обидувајќи се да ги дотера како свои. Се’ што ми се вртеше низ мислите беше дека не би требало да бидам тука).
 
Уживај, не ги собувај чизмите.
Повели, седни.
(Избрав место од кое лесно ќе може да побегнам. Најдесно од аголната поставенот на софата. Уште еднаш си потврдив дека колку и да ракувам со сопствената самодоверба и самоконтрола, Бегалка е едно од многуте мои имиња.)
 
Со што би можел да те послужам? Да не си можеби гладна?
Ќе зготвам нешто. Еве, ставам кафе.
Повели, вода.
 
Би сакала чаша вино“.
 
(Со претерано мила насмевка се сврте кон кујната позади себе за да ме услужи. Станот не беше претерано голем, ама имаше извесна топлина во него. Нетипична, неоснована – а сепак доволно јасна за да покаже дека има приказна, која единствено чека да биде раскажана на некој што сака да ја слушне, а не само да ја набљудува. Не бев сигурна дали сакав да ја слушнам вечерва).
Повели.
Прости што немам соодветен сет чаши. Две имам само, две што ми се распар. (Просто и ние сме ти распар, си помислив. Просто и ние не припаѓаме на овој век).
 
 
Сакаш ли да читаш? Ти сакаш да читаш. Повели, Славко Јаневски. Сигурен сум дека ќе ти се допадне.
(Веднаш се сетив на Славковите „Цветови“. Солзи ми навреа на очите. Душата ме болеше одново и одново штом се сетев на кобниот ред. 
Убија дете.
Како да ми го убиваат нероденото дете. Одново и одново.
Како да ги убиваат сите недолжни деца кои ги познавам и не ги познавам.
Како да ја чувствувам болката на сите мајки на светов и веков.
Ме обви грч, ладна пот ме прелеа колку што сум висока. 
Убија дете.
Ги притиснав очите. Слепоочните ми удираа, екстремитетите ми снеможија во секунда. Восок да бев, ќе се стопев. Камен да бев, ќе пукнев.
Не бев присутна во просторијата. Астрално прелетав негде, се скрив дома. Се покрив, за никој да не ме види. Влечев таква навика од детските денови и отклонување на детските стравови. Типична грозница ме скамени во моментот. Стоев кратко надвор од себе. Се присилив да ги отворам очите. Дискретно се избришав под десното око, она коешто јудајски ме предаваше секогаш. 
Стоеше занеменено пред мене, со загрижена втренченост во очите и со вкочанета изненаденост, неприродност во држењето. И со книгата во рака). 
Добра ли си? – ме праша. Можеби згрешив нешто, прости.
Прости ми.
(Како да му простам кога тој не го уби детето? Немаше врска со нити едно детско убиство. Што требаше да му простам?) 
(..како ли се нарекуваат оние моменти кога умот прекинува од задоволство, срцето продуцира необјасниви татнежи, а телото ја трпи сета физичка болка како да е добредојдена? Толку тешка, а толку пожелна? 
Оргазми ли беа, екстазични врвови, свршувања?
Како ли се’ ги нарекуваат?
. . .
А какво име носат кога се предизвикани од мемента, од мисли и зборовни проекции, од зачетоци во умот кои гризат по сиот телесен бит и не те пуштаат додека не западнеш во очајнички крик? Како ли се нарекуваат тогаш?)
 
 
Прости ми ти мене.
Прости ми што убија дете.
Прости ми, што сум ваква.
(Го облеков капутот и заминав без поздрав. Остана да гледа додека ја затворам вратата, држејќи го Славко Јаневски за рака. Она што се врежа како ново мементо беше звукот на моите чекори по скалите и мислата дека не сме сите исти. Нечии срца бијат посилно од останатите.
И обете наши се премногу силни – толку силни, што не се трпат заедно).

Коментари

коментари

СПОДЕЛИ
Претходна објаваШироките пантолони се хит – научете како се носат!
Следна објаваХит бои кои мора да ги имате оваа сезона
Задолжена за најблагорoдната навика, наклонетоста кон книги. Стои на ставот дека умереноста е универзален клуч, нејзината перфекционираност јасно ги селектира информациите со кои врши промоција на книжевната уметност. Живеејќи неколку животи паралелно - како читател и автор, приврзаничка е на ендемичниот вид на автори, модерен конзервативец кога се во прашање вредностите на животот, а истовремено, вечна вљубеничка во убавото.

НЕМА КОМЕНТАРИ