.1.

Не, немој да ми судиш.
Немој ни да се трудиш да ме разбереш. Не очекувај ништо од мене. Само така нема да те боли.

Ама немој да ми судиш. Осудена сум одамна.

Осудена сум да чувствувам егзистенцијални работи, невидливи за човековото око. Осудена сум да трагам по сопствениот порив за спокој, сопствената комбинација од супстанци за лек. Лекот некогаш е пет пари, само треба да го знаеш. Треба да знаеш дека камените дланки ги греам сама.
Немој да ме гледаш. Ќе си помислат сешто, па и за тоа ќе те казнат. Немој ни да ме допираш, немој да помислуваш да ме допреш.
Ќе ми додадат години на осудата. Не се труди да ми зборуваш, не ми пишувај песни. Не пишувај песни воопшто, ќе те направат луд оти нема да те разберат. Не дозволувај да не’ слушаат на црната кутија. Не дозволувај да ти поверувам. Не очекувај да разбереш.
Не очекувај ништо.
Само те молам, немој да ми судиш.

Осудена сум да кочам, oсудена да молчам. Осудена сум речениците да ги почнувам со негација. Осудена сум на една чаша вино. Самотија во чаша.
Немој да ме слушаш, не мора ни да ме послушаш. Не мора да те боли, навистина не мора да те боли, верувај ми. Имам една последна желба, која не е ни поезија, не е ни омилената порција храна.
Сакам моите деца да растат со татко.
Не мора да ме послушаш, ама во себе запомни да ја потсечеш мислата ако некогаш решиш да ми судиш.
Зошто осудена сум одамна.

Зошто ме осуди штом ме погледна.

Ти и другите пред тебе.
Почнувајќи од него, завршувајќи со тебе.

Не ме следи, не внимавај во кое такси влегувам.
Не се обидувај. За да не ти с(т)уди. Затоа што не знаеш што е тоа с(т)уд.
Не се врти, не ги врти моите стари пораки.
Зошто ќе поверуваат дека сум осудена со право.

А не сум. Никогаш не сум била.
Се надевам, никогаш нема ни да бидам.

Немој да ме браниш. Само немој да ми судиш.
Немој да ми судиш барем ти.
Немој да ми с(т)удиш.

Зошто студена сум одамна.

СПОДЕЛИ
Претходна објава?? Gülhane – паркот на цвеќето во Истанбул
Следна објаваРепертоар на НУДТС од 02.11 до 08.11
Задолжена за најблагорoдната навика, наклонетоста кон книги. Стои на ставот дека умереноста е универзален клуч, нејзината перфекционираност јасно ги селектира информациите со кои врши промоција на книжевната уметност. Живеејќи неколку животи паралелно - како читател и автор, приврзаничка е на ендемичниот вид на автори, модерен конзервативец кога се во прашање вредностите на животот, а истовремено, вечна вљубеничка во убавото.

НЕМА КОМЕНТАРИ