ОД 28 мај до 1 јуни >>> ОFFest 2015!

Уште една недела до стартот на четиринаесетто издание на OFF-FEST! Програмата на годинашното издание е распоредена во пет богати фестивалски вечери на кои ќе настапат седум музички групи и изведувачи од три светски континенти. Офф-фест од 28 мај до 1 јуни  ќе ги пренесе звуците и магијата на Мали, Мароко, Јужна Кореја, Португалија и Македонија.

Музичката култура на Мали во фокус на Офф-фест 2015
Мали со својата богата музичка традиција е во фокусот на годинашното издание на фестивалот, во чии рамки ќе настапат три извонредни музички состави од овој регион на Западна Африка.  На првиот фестивалски ден (четврток, 28 мај), публиката ќе ужива во настапот на Басеку Кујате, мајсторот на традиционалниот инструмент нгони и неговиот еклектичен состав Ngoni Ba. Музичката приказна за Мали ќе продолжи веќе следната вечер (петок, 29 мај), кога вљубениците во добриот звук ќе имаат можност да го проследат концертот на легендарниот блуз гитарист и симболот на независноста на Мали – Бубакар Траоре. Фестивалот на 1 јуни ќе го заокружи концертот на светската музичка сензација – виртуозните музички бунтовници Tinariwen.

Програмата на годинашното издание ќе ја отвори иновативниот пост-рок/ворлд-мјузик состав и во моментов најголемата музичка атракција од Кореја, бендот Jambinai. Во сабота на 30 мај публиката ќе патува низ магијата на фадо музиката на португалката Лула Пена и ќе ужива во концертот на популарната мароканска пејачка и кантавторка Хинди Зара. Македонската етно ризница гледана низ современа призма ќе биде претставена на концертот на групата Chalgia Sound System, кој ќе се одржи во недела на 31 мај.

Во рамките на фестивалот ќе бидат прикажани и два музички документарни филмови – „Ќе пејам за тебе” („Je chanterai pour toi”) и „Последната песна пред војната” („The Last Song Before the War”).

Влезниците за фестивалот можат да се купат на продажните места на Југотон Рекордс, МКЦ и онлајн на www.mktickets.mk. Бројот е ограничен!

Jambinai e пост-рок/ворлд-мјузик состав, чија музика содржи некои од најиновативните звуци на азиската андерграунд-сцена. Бендот е формиран во Сеул, Јужна Кореја, во 2009 година од Илву Ли на гитара и пири (обоа), Боми Ким на хаегум (жичен инструмент што наликува на виолина) и Еун Југ Сим на геомунго. По објавувањето на деби-албумот „Difference” во 2012 година, Jambinai настапија на некои од најголемите светски фестивалски сцени меѓу кои и на Светскиот музички саем „WOMEX” и на фестивалите „South by Southwest”, „Roskilde” и „Primavera”, докажувајќи дека единствен специфичен музички стил не е предуслов за успешноста на еден бенд. Ова е особено важно кога звукот создаден на инструменти со милениумска традиција ќе се спои со дисторзивни гитарски акорди и со електрични ефекти во единствена енергична атмосфера. Носејќи ја корејската традиционална музика во 21 век, извонредните композиции на Jambinai ги комбинираат хипнотичките звуци на минатото со елементи на фолк, метал и на електронска музика.


Bassekou Kouyaté & Ngoni Bа е состав што го револуционизира звукот и изведувачките можности на „нгони”, инструмент што прилега на лаута со суштинско значење за културата на племето Гриот од Мали. Гриотите се почитувани музичари и раскажувачи, чија лоза се протега векови наназад. Басеку Кујате е музичар роден во оваа традиција, а врската што ја има со неа е сè само не статична. Од почетокот на својата кариера, преку создавањето  претходно нечуени мелодии и ритми изведени на четири поврзани (наместа електрични) нгони, Басеку ја искажува својата почит кон минатото, кое радикално го пренесува во иднината. Впечатливиот четврти по ред албум „Ba Power” го означува врвот во кариерата на бендот и изобилува со хипнотички песни, остри гитарски рифови и суптилни емоции. По две години од светската турнеја со албумот „Jama Ko”, Ngoni Ba го засилува и динамички го збогатува својот звук, а маестралниот Басеку постигнува ново ниво на интензитет, што единствено може да се нарече афро-рок. Дисторзивните и динамични ритми денес се главната препознатливост на музиката на Басеку, на кои топлиот вокал на Ејми Сако им дава страстен квалитет.

 Популарно наречен Кар Кар, Бубакар Траоре е легендарен блуз-гитарист од Мали. Израснал во Кајес, место во регионот Бамбара во четириесеттите години од минатиот век. Во својата музика се инспирирал од локалниот традиционален стил „касонке” и од блузот. Денес светски признат музичар, Бубакар Траоре е еден од последните големи изведувачи што својата кариера ја започнаа во раните денови на независноста на Мали. Во тоа време (шеесеттите години) неговата музика била постојано емитувана на радио станиците, со што тој станал национална фигура. Неговиот уникатен блуз-стил, зачинет со фолк, емотивен тембр, оригинален гитарски израз и со поезија, созреал многу со текот на годините. Денес во своите седумдесетти години, Бубакар го збогатува својот индивидуален музички стил кој се одликува со елеганција, едноставност и со искреност. „Mbalimaou” е неговиот најнов албум, снимен во Бамако, каде што тој живее и работи, а објавен е во февруари оваа година. „Mbalimaou” е полн со нежен свинг, поезија и со грациозност.

Кантавторката Лула Пена е родена во Лисабон. Длабоко поврзана со звукот, со историјата, со спомените, Лула Пена не е само една од големите уметници на фадо-музиката, туку и личност што ја живее. Нејзиниот прв албум, „Phados”, објавен во 1998 година ѝ носи светски признанија. Длабокиот и остар, истовремено чувствителен вокал, како и природниот спој на фадо-корените со боите на португалската фолк-музика, француската шансона, традиционалната морна и со бразилската боса нова, како и непосредноста на вокалот и артикулираната изведба на гитара – уште тогаш го навестија доаѓањето на еден голем музички талент. Вториот албум „Troubadour” снимен по пауза од 12 години, претставува музичка збирка на приказни за страста и за болката, премостувајќи жанрови и отсликувајќи го личното патување на извонредната португалска музичарка и поетеса. На „Офф-фест” Лула Пена ќе го претстави својот нов репертоар, кој наскоро ќе биде реализиран на носач на звук.

 По потекло Мароканка која денес живее во Париз, пејачката и кантавторка Хинди Зара наликува на постмодерна Били Холидеј. Таа расте слушајќи разновидни музички жанрови – од рок, преку реге до традиционалната музика на Берберите. По доаѓањето во Франција на почеток на деведесеттите години,, Захра ја започнува својата кариера како вокалистка во составот на пејачот Сплин и гитаристот Хју Колтман, паралелно пишувајќи и сопствени песни и текстови. Во 2007 година Захра го има своето концертно деби како соло-изведувач. Нејзиниот прв албум „Handmade”, издаден во 2010 година за „Blue Note Records”, заедно со синглот „Beautiful Tango”, стана бестселер. „Handmade” е интимно издание обоено со фолк и со блуз-елементи, нежни мелодии и со длабоки стихови на омилените јазици на Захра: англискиот и берберскиот. На „Офф-фест” Хинди Захра ќе го промовира новиот албум „Homeland”, објавен во април годинава. Во 2014 година Захра имаше улоги во филмовите „The Narrow Frame of Midnight” на Тара Хадид и во „The Cut” на Фатих Акин.

Chalgia Sound System е состав чиј фокус е чалгиската музика и традиција. Целта на групата е да го сочува чалгискиот израз, проучувајќи го богатото наследство од мелодии и форми, кои ги изведува доследно и верно на традицијата – истовремено давајќи ѝ  современ призвук. „Chalgia Sound System” постои од 2008 година, а на составот му претходи проектот „Калдрма” во кој учествуваа дел од неговите сегашни членови. „Калдрма” на одреден начин беше иницијатор за заживувањето на подзаборавената чалгиска музика во Македонија. За моќноста и универзалноста на чалгиската музика, како и за искреноста на изразот на Chalgia Sound System сведочат настапите на групата на многу фестивали и концерти. Во 2009 година групата го издаде својот деби-албум.

 На јазикот на Туарезите, номади кои со векови талкаат по најоддалечените краишта на Сахара, зборот „тинаривен” значи „пустини”. Формиран во 1979 година, Tinariwen е бенд на виртуозни музички бунтовници кои преку својата музика водат борба за остварување на правата на протераните номадски народи. Со објавувањето на албумот „The Radio Tisdas Session” и со настапите на „Festival in the Desert” во Мали и „Roskilde Festival” во Данска во 2001 година, групата станува популарна надвор од регионот на Сахара. Поширока светска слава бендот доживува со албумот „Aman Iman” (2007), кој добива блескави критички оцени. Звукот на Tinariwen е првенствено гитарски, во стилот попознат како „асуф”. Основните елементи на нивната музика се традиционални мелодии и ритми изведувани на овчарска флејта и едножичена виолина наречена „имзад”. Последниот албум на Tinariwen, „Emmaar” е снимен во Joshua Tree во пустината на Калифорнија. За најпознатите пустински блузери од Мали и ден денес е невозможно враќањето во родниот крај, а нивните нови песни ја одразуваат токму болката на животот во прогонство.

ОФФ-ФЕСТ – НАЈДОБРОТО ОД МУЗИКАТА НА СВЕТОТ!

Коментари

коментари

СПОДЕЛИ
Претходна објаваНеколку совети за начинот на исхрана директно од модните писти
Следна објава5 нови трендови на костими за капење
Дивиан Артс е првата и единствена веб страница во Македонија која ги пренесува сите облици на уметност во креативна форма до своите читатели. Целта на Дивиан Артс е да ги врати вистинските уметнички вредности во Македонија, да ја разбуди креативноста и да остане во чекор со последните случувања од областа на уметноста. Патем, да ги едуцира и промовира младите на културно и општествено ниво, да им помогне да се изградат како составен дел од нормалното и професионално живеење, без да заборават на својата креативност и потреба од уметност.

НЕМА КОМЕНТАРИ