374259_10150395886823516_2099008531_n

Младата и креативната поетеса, Ана Голејшка, е вистински мајстор кога станува збор за пишаниот стих. Со објавени дела зад себе, таа со љубов ни раскажа за својата работа и дека тоа всушност за неа не претставува обврска, туку начин на себеспознавање уште од најмала возраст.

„Кога бев мала, спиев врз книгата Бушава Азбука и сакав да бидам Билјарката. Сега спијам под книги (под креветот секогаш се натрупуваат, полудочитани, почнати-недочитани, одново препрочитани) и сонувам да бидам Ана во јаве колку што можам. Омилени книги немам. Навистина. Така решив еден ден, кога сфатив дека срамота е да бирам една ѕвезда од толку големо небо. Се инспирирам од живи автори во моментов, а на оние што ги нема им се поклонувам.“

Формата на пишаниот збор, според Ана, воопшто не и е битна. Она што е од вистинска важност е да пристигне до вистинската дестинација – отворениот ум и срце. Инспирацијата ја бара од секојдневието, а доколку се бираат омилени книги е исто како да се бираат омилени ѕвезди од ноќното небо, потполно тешка и безсмислена задача.

„Осознавањето дека можам да пишувам? Не постои осознавање, постои постојано трагање, читање, тресење од ракав, консултирање, плачење и смеење со и низ пишувањето. Тоа е мојот живот.“

Песна која е дел од нејзиното творештво, а и има прилегнато најмногу на срце е „Ние сме“.

Ние сме

Ние сме и малечки и големи
ние сме ѕвезди под ќебето
затуткано во ќошот на креветот
ние сме бадникови гранчиња
екскурзијантски со возбуда полни ранчиња
ние сме селце крај патот
во кое по свежа вода се наминува
Ние сме, и не сме
бегли потези на четка врз платно
сон и јаве, време и клатно
ние сме чекор кој води кон Горе
повтеж за чистота и солено море
ние сме, и не сме
оти создаваме и уриваме
на леб путер мачкаме
со недостатоците се закачкаме
Ние сме и малечки и големи
како точка
во која слепиот гледа
глувиот слуша ритам
немиот прозборува
Ние сме!
Индиго деца
со убави куршуми гаѓаме
никој не умира
сите одново се раѓаме.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваНеодоливи животни што спијат заедно
Следна објаваТопло скандинавско поткровје
Најмладиот член на семејството кое ја создава креативната страна на животот нуди нова перцепција на авантуристичкиот дух кој цели кон откривање на креативитетот низ сите агли на Земјата. Со изострен вкус посветен на седмата уметност, со мелодична селекција и мотивациона природа се труди да ги доближи вредностите на неконвенционалниот стил на живот до помладата публика.

НЕМА КОМЕНТАРИ