1.1

Некои ја споредуваат со „Норвешка шума“. Некои велат дека ова е вториот тип на книги кои Мураками ги пишува, додека трети велат дека овој јапонски творец во последниот наслов дословно се инспирира од Франц Кафка. Самиот наслов на новата книга на Харуки Маруками во издание на Издавачки Центар ТРИ – „Безбојниот Цукуру Тазаки и неговите години на аџилак“ е чуден и интригирачки, невозможен да се запамети од едно слушање. Стилот на авторот е запазен повторно, од основна причина поради која читателот успева да го почувствува уживањето на истиот додека го креира својот главен карактер; портретирајќи ја неговата голема загуба во младоста и начинот да се справи со својата, навидум неинтересна, едноставност. Буквално кажано, безбојност.

Во еден дел од раскажувањето, Мураками вели дека „луѓето лишени од слобода задолжително почнуваат да мразат некого“ во насока да објасни на каков начин човек мора да си поигра со сопствената издржливост да се врати во минатото, за да може да ги исправи кривите линии во сегашноста. Цукуру Тазаки е инжењер, специјалист во железнички пруги кој целиот свој живот смета дека е доволен сам на себе иако расте во големо семејство каде што е единствен син. Детството и училишните денови ги минува ангажирајќи се во повисока кауза од просечен јапонски ученик, каде што ги пронаоѓа сродните пријателски души. Една сума од пет различни персоналитети прави од нивното дружење врска која се случува само еднаш во животот и прави сите да придонесат со нешто во истата таа голема врска. Тазаки, чувствувајќи се најобичен од сите нив – неговите двајца другари и две другарки; аналитички навлегува во поголема дилема со себе, како тие избраа и тој да биде дел од големата петорка. Чудно, но очигледно, случајно сите освен него во тоа друштво носат презиме кое означува некоја боја од основната колор-карта. Така, неговите другарки беа Црна и Бела, додека другарите се одзиваа на Црвениот и Синиот. Само Цукуру беше безбоен. Само Цукуру продолжи на студии во Токио.

Кратко по неговата посета од родниот град, Цукуру добива повик дека неговото друштво отсечно го исклучува од затворениот круг, безмислосно затворајќи го пред негови очи. И во тој момент започнува реализмот на Мураками кој го видовме и во „IQ84“, повторно комбинирајќи два паралелни света кои овојпат укажуваат на младиот Цукуру и Цукуру во својата зрелост. Периодот каде што тој ја среќава Сара и каде што ултиматумот кој таа му го поставува го поставува во состојба на аџилак. Мураками се вклучува за да каже „Јас и Цукуру имаме многу сличности. Се гледам себеси како обичен тип. Најчесто не ни размислувам за себеси како за уметник. Претпоставувам дека само склопувам нешто.“, во едно интервју. Читателот не успева да ги запознае сите карактери до крај – тој само сведочи за нивните бои, додека авторот, по наративна иронија следејќи ги мислите на безбојниот главен лик, практично ја илустрира суштината на негово постоење. Со алегорична поврзаност, авторот јасно повикува на филозофска дискусија околу слободата, изолацијата и сонот. Безбојниот Цукуру Тазаки се обидува да се помири и да научи што значи прекинување на другарство, за време на неговите години во Токио дозволувајќи му на читателот за цело време да знае дека во позадина свири Франц Лист, следејќи ги нотите на „Години на аџилак“… секако, во веќе познатата меланхолична атмосфера.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваУбави и модерни станови (2.дел)
Следна објаваФото на денот | Спремни за фотографирање
Задолжена за најблагорoдната навика, наклонетоста кон книги. Стои на ставот дека умереноста е универзален клуч, нејзината перфекционираност јасно ги селектира информациите со кои врши промоција на книжевната уметност. Живеејќи неколку животи паралелно - како читател и автор, приврзаничка е на ендемичниот вид на автори, модерен конзервативец кога се во прашање вредностите на животот, а истовремено, вечна вљубеничка во убавото.

НЕМА КОМЕНТАРИ