0000
Боли, ти ја кине душичката, но онака бавно, самозадоволувајќи се ти ги парализира мислите, влегува во секоја пора од твојата кожа, го одзема секој мирис од последните капки пот кои набабруваaт на челото како бодлив трновенец. Но, истовремено колку боли толку повеќе те исполнува, ти го забрзува крвотокот, ги буди спласнатите крвоносни садови, брзо ти ги полни и празни градите со воздух, со живот, со надеж…

Совршенство на бел лилјан, а црнина како капка мастило на погрешна линија од петолинискиот тефтер.

Маслинести крупни очи чиј сјај е покриен со големодиоптриски наочари ти го попречуваат секојдневното функционирање, бидејќи каде и да си, каде и да одиш во сечиј поглед ги бараш токму тие наивни, невини очи.

Во сечија сенка го гледаш неговиот одраз, одраз на твојата љубов.

Ми недостасуваш, проклето ми недостасуваш. И ниту еден единствен човек, ниту едно богатство, ниту било која друга благодет не може да ја исполни празнината која како товар налегнала на моето младешко лице.

Ги собирам сите заеднички фотографии, ги милувам, бакнувам, чувствувајќи го твоето пристутво во мене, ги затварам сите спомени во една кутија, за да не ми побегнат, но празнината е празнина. Зарем може во хартијата изедено чоколадо да се најде истиот оној престиж кој го имала кога чоколадото било внатре? Зар може тебе некој да те замени, кога уште постоиш?

Се задоволував со случајните средби, но сега илјадниците километри не можат да се истапкаат за да се одржи средбата на нашите погледи.

Проклета да сум, само кога малку, барем малку би имала храброст за ти ги признаам моите чувства знам дека светот би станал поубаво место за живеење.

Но, мил мој, моите тајни се моите убијци. Тие се црви кои се прикрадуваат во темнината на ноќта, во светлината од месечевата сенка влегуваат во мене, ми ја кинат душчката и ја распрснуваат на илјадници и илјадници делови за таа кутрата никогаш повеќе да не може да се соедини.

Јас сум восокот од недогорената свеќа, постојано сум во исчекување кога таа свеќа ќе засјае и моето постоење ќе биде избришано, а на земјата ќе оставам печат од моето постоење.

Празнината во мене уште постои. Таа е составена од твоето отсуство. Ќе постои многу години. Празнината ќе гори за скриените воздишки и изгубените погледи. Таа ќе те чека тебе.

А, до денот на нашата следна средба ја пуштам болката. Не бегам повторно од неа, ја прифаќам. Ќе поминам низ неа колку и да боли, зашто поминува само она што си го проживеал до крај. Ако избегам сега, знам дека ќе бегам постојано, а кога трчам и бегам не стигнувам никаде. Затоа ставам точка и токму овдека застанувам. Самата се претварам во болка. Јас сум болка. Сега нека боли…

*Авторски текст на Нада Костадинова

СПОДЕЛИ
Претходна објаваBrunch City | Вкусни градови
Следна објаваУлични ремек-дела
Дивиан Артс е првата и единствена веб страница во Македонија која ги пренесува сите облици на уметност во креативна форма до своите читатели. Целта на Дивиан Артс е да ги врати вистинските уметнички вредности во Македонија, да ја разбуди креативноста и да остане во чекор со последните случувања од областа на уметноста. Патем, да ги едуцира и промовира младите на културно и општествено ниво, да им помогне да се изградат како составен дел од нормалното и професионално живеење, без да заборават на својата креативност и потреба од уметност.

НЕМА КОМЕНТАРИ