Покрај тоа што влијаат на расположението, боите имаат и терапевтска моќ. Според учењето на фенг шуи, придржувањето до одредени правила при изборот на боja може да влијае на хармонијата во домот. Од друга страна, правењето грешки, пак, се поврзува со негативни вибрации во животниот простор. За таа намена, ви претставуваме детален опис и водич за бојадисување на секоја соба, со инструкции како да внесете среќа, позитивна енергија и добро расположение и во вашиот дом.

Црвена боја

1Најдоминантнaта од сите бои – црвената има моќ да разбуди топлина, просперитет и стимулација. Сепак, бидете претпазливи бидејќи црвената може да има и негативно влијание, нагласувајќи ги зависта и срамот. Можете да ја употребите за ѕидовите во дневната соба, или за истакнување на деталите, имајќи на ум дека со тоа визуелно се намалува собата. Избегнувајте ја црвената боја во вашата трпезарија, кујна или работната соба. Бидете особено внимателни доколку ја применувате во детската соба, а немојте да ја користите ниту како доминантна боја во спалната соба, бидејќи е премногу јака и може да се одрази на квалитетот на сонот. Според учењата на фенг шуи, црвената боја го прикажува елементот оган. Додадете црвена боја во просторијата доколку се чувствувате уморно или, пак, сте анемични, бидејќи таа е боја на страста и високата енергија. Користете ја во рамнотежа со мирни бои.

Жолта боја

2Во фенг шуи, жолтата е средиште на се’, споредувајќи се со Сонцето кое е краен извор на позитивна енергија. Затоа, првата асоцијација кога помислувате на жолтата боја е светлината. Оваа боја има моќ со која го стимулира мозокот и доброто варење на храната. Иако е позната како боја која ја нагласува позитивната страна, жолтата умее да предизвика и ригидност и претерување. Во различни нијанси можете да ја примените во било која просторија од домот, бидејќи нејзините карактеристики се: прилагодливост, флексибилност и јаснотија. Сепак, жолтата е најдобар избор за кујната, а пожелно е да се избегнува во спалната соба и просториите кои се наменети за одмор и релаксација.

Зелена боја

3Хармонијата, растот, плодноста и сите природни нешта се поврзани со зелената боја. Според фенг шуи, таа е симбол на елементот дрво. Зелената боја ги одмора очите и душата, го намалува стресот и има исцелителна моќ на здравјето. Во домот внесува оптимизам, слобода и рамнотежа, но исто така може да ги поттикне зависта и измамата. Иако е популарен избор, избегнувајте ја зелената во детската соба, дневниот престој и работниот простор, а обидете се да внесете што повеќе зелени детали во вашата бања.

Сина боја

4Според фенг шуи, сината боја го означува елементот вода, а поврзана е со контрола на негативните емоции. Сината боја е синоним за спиритуалност, трпение и мир, а има позитивно влијание на вербата и стабилноста. Исто така, сината има моќ да ги намали стресот и напнатоста во животот. Совршен избор е за просториите чија намена е одмор и релаксација, како што е спалната соба. Негативната карактеристика на сината боја е способноста да ги нагласи сомнежот и меланхолијата, па затоа не се препорачува премногу сина боја на ѕидовите доколку имате чести промени на расположението. Избегнувајте ја сината боја во дневната соба, трпезаријата и работната соба.

Розова боја

5Доколку сакате светот да го гледате низ розови очила, тогаш розовата е вистинскиот избор: сите нешта изгледаат позитивно и светло. Розовата е единствената боја која нема ниту едно негативно влијание на човечката психа, според учењето на фенг шуи. Ги нагласува среќата и романтичните чувства, па можете слободно да ја примените во секоја просторија од домот – особено во детската и спалната соба. Таа создава смирено опкружување, па ако имате проблеми со спиењето, ѕидовите во спалната соба пожелно е да ги бојадисате во светло розова нијанса. Розовата боја внесува силна позитивна енергија во амбиентот.

Портокалова боја

6Оптимистичната портокалова боја ќе внесе радост во вашиот живот. Со употребата на оваа боја се зголемува продуктивноста, ентузијазмот и задоволството. Портокаловата боја ве држи енергични и разиграни, па вистински потег е да ја користите оваа боја во вашиот дневен престој, или, пак во детските зони за игра. Таа е совршена боја за во канцеларијата, собата за средби и дневната соба бидејќи ја стимулира комуникацијата. Имено, според фенг шуи оваа боја ги зајакнува креативните разговори и внесува добра енергија во домот. Претставува мешавина од црвената и жолтата, па ги поседува квалитетите на двете бои: енергијата на црвената и ведрината на жолтата. Сепак, портокаловата е и боја која ја буди бунтовноста во човекот, па затоа избегнувајте ја во мали простории и во спалната соба.

Бела боја

7Белата боја се поврзува со нов почеток, невиност и чистина. Внесува свежина во домот, но може да предизвика студено и стерилно чувство во неговиот амбиент. Бањата и кујната се идеални за примена на белата боја, а дневната и детската соба просториите кои треба да ги прескокнете.

Кафена боја

8Знаевте ли дека бојата на собата може да направи да ослабите? Кафената боја ја има токму таа моќ: позитивно влијае на регулирањето на телесната тежина, но и на стабилноста, самодовербата и елеганцијата. Нејзината негативна страна? Може да предизвика депресија, па затоа е препорачливо да се избегнува во спалната соба. Кафената боја е совршен избор за работниот простор.

Црна боја

9Црната боја е симбол за независност, мистерија, сила и привлечност. Сепак, црната може да влијае и на појава на темни мисли и песимизам. Тинејџерите ја обожуваат примената на црната боја во нивните соби, но тоа е во ред – таа нема лошо влијание врз нив. Црната боја може да функционира прилично добро и во спалната соба, но избегнувајте ја во соба за деца под 14 години, дневната соба или работната соба.

Праска боја

10Во азиската традиција, цутот на праската е симбол за будење на пролетта и животот. Оваа нијанса има позитивно влијание на социјалниот живот за луѓето кои живеат сами. Но, таа е и многу опасна боја за оние кои се во двојка, бидејќи може да побуди неверство кај брачните партнери. Иако е убава и нежна боја, не ни помислувајте да ја бојадисате вашата спална соба во нијанса на праска, бидејќи може да ви донесе само неволји.

Сива боја

11Сивата боја е симбол за воздржаност и не се препорачува нејзина прекумерна употреба во собите, бидејќи може да предизвика атмосфера на тензија и страв. Сепак, светло сивите нијанси се пригодни за ходникот, канцеларијата и просториите за одмор и релаксација, особено доколку се настојува да се постигне тивок и неутрален амбиент. Пожелно е да комбинирате нежни сиви тонови со топли бои, кои ќе внесат чувство на возбуда и радост. Избегнувајте премногу сивило на ѕидовите, бидејќи може да доведе до пад на расположението и енергијата.

Виолетова боја

12Виолетовата е кралска боја, а според фенг шуи учењето со неа можете да ги бојадисате ѕидовите во собата за медитација, бидејќи создава совршена атмосфера за мирна интроспекција. Доколку сакате да ја употребите виолетовата во домот, бирајте ги посветлите нијанси, како што се лавандата или светло виолетовата, но ограничете го користењето на оваа боја. Употребете ја виолетовата и виолетовите нијанси во спалната соба, за опуштање и мирен сон.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваКако правилно да ја поставите масата за јадење?
Следна објаваСекој има своја приказна
Воден од премисата дека патувањата се празник за душата, а убавиот топол дом нејзино единствено прибежиште, во рамки на креативната страна на животот ги промовира содржините со кои ги збогатува ваквите видици. Неуморен трагач по малите животни радости, со космополитски дух, неизмерна љубов кон животните и пасија кон сите уметнички форми на емотивна експресија. Вљубеник во минимализмот, алтернативната музика, пишаниот збор на Мураками и шармот на Јужна Франција.

НЕМА КОМЕНТАРИ