Засега, преведена на 12 јазици меѓу кои и на македонски – „Седум години подоцна…“ од модерниот мајстор на пишаниот збор во форма на трилер со хумористични нијанси е препорака која и самите ќе ја препочарате во Вашите книжевни кругови. Со инспирација од големиот Хичкок и неговото потретирање на комплексните љубовни парови, оваа приказна првенствено алудира на историјата на еден страствен, но пропаднат брак кој успеал да спои два континенти, два ментални кода и две поимања на љубовта во една формална врска и еден дом. Со еден пар близначиња, кои и самите се различни поради што се момче и девојче. Новото семејство со сиот свој елан егзистира во нормален тек и исполнетост цели 7 години, за по 7 години оттуѓеност и поделба по секаков однос – истите да се сплотат во една есенцијална нишка. Ники е поранешен модел и уметник, припадничка на боемскиот европски дух со неуморност и вљубеност во животот, додека Себастијан е стабилен и одговорен изработувач на виолини, кој живее на Менхетен, со семејно наследство и традиција. Камил и Џереми се нивните деца, каде што ќерката живее со таткото во САД под стаклено ѕвоно, а истовремено синот е спремен на се’ и сешто живеејќи со мајка си во Бруклин. Обвинувањата, аферите и нетрпеливоста се позади нив, избледувајќи ги сите сеќавања…

„Отвори. Се надевам дека ќе ти се допадне. Не грижи се, не е венчален прстен.
Воздивнувам и ја кинам хартијата.
Книга.
Ограничено издание на „Љубов во време на колера“.
Илустрирано, со преубав повез и со потпис од Габриел Гарсија Маркез.“

 

Годините минуваат. Децата се навикнуваат да живеат со по еден родител, додека родителите без да сакаат, ќе бидат вовлечени во трилер-игра под принуда да работат заедно, поради мистериозното исчезнување на Џереми. Камил ја испраќаат на сигурно кај нејзините баба и дедо; додека Себастијан неволно патува кај Ники за да открие нешто повеќе. Без волја, Ники одлучува да соработува со нејзиниот поранешен сопруг бидејќи една мисла ѝ се избиструва пред се’ друго – мора да си го најде синот. Дали избегал од дома, дали е киднапиран? Кој го видел последен, со кого се дружи во последно време? Какви навики развива поради слободното воспитување кое за него го избра неговата мајка? Низа обвинувања за нејзиното потфрлување како одговорен, совесен и родителски настроен карактер поради неограничената слобода во овој свет на мизерни услови и опасности кои демнат од секој агол или врата. Тоа е сепак Бруклин! Себастијан ѝ ветува дека ќе го пронајде нивниот син, но прво мора да знае се’ – каде што, индискретно дознава од својата поранешна сопруга колку многу испуштил за време од неговата апстиненција од животот на синот. Исто како што Ники не учествува во најтешките, адолесцентни години на својата ќерка. Милион грешки и погрешни чекори… иако тоа не им е на ум, тие двајца суптилно се присетуваат на годините минати заедно и откриваат дека искрата била присилно загушена, но не исчезната.

„Жените се вљубуваат кога ќе почнат да Ве запознаваат подобро.
Кај мажите е спротивното. Кога подобро ќе Ве запознаат, подготвени се да Ве напуштат.“

– Џејмс Солтер

 

Со комични дијалози и адреналински сцени, Мисо го раскажува овој пар во комплицирано издание, со многу неизвесности и очекувана романса – и покрај фактот што бившите сопружници се обвинети за убиство. Од различните окружувања во САД, преку крстарење на Сена во Париз, па се’ до џунглите на Амазон; авторот го цитира и идеализира Хичкок, кој вели дека „За бесцелно возење треба да си сам. Кога сме двајца, секогаш некаде одиме“, во овој случај, насочени да си го спасат најмилото! Со инспирација која влече корен и од 30тите, односно 40тите години на минатиот век, овие сопружнички улоги потсетуваат на Кери Грант и Кетрин Хепберн, комично-романтична игра на мачка и глушец кои играат меѓу себе со параван дека тоа го прават за доброто на другите. Дека се еден покрај друг поради децата, лажејќи се првин себе, па сите други. Во отсуство на магични елементи, „Седум години подоцна…“ е третиот реален роман на овој француски автор, кој останува доследен на својот стил кој му носи успех веќе 10та година по ред. Како тоа изгледа во последниот роман, уверете се и сами.

„Кога влегоа, мирисот на стари книги ги вовлече во друга ера: возраста на загубената генерација. Гледано од улица, книжарницата оставаше впечаток на тесна продавница, но внатре господареа големи полици, кои беа подолги од неколку десетици метри. Книгите окупираа дури два ката, на секој ѕид илјадници предмети. Воздухот имаше мирис на сладок леб, цимет и на чај.“

 

 

СПОДЕЛИ
Претходна објаваМодерни спални соби (2.дел)
Следна објаваБарав…
Задолжена за најблагорoдната навика, наклонетоста кон книги. Стои на ставот дека умереноста е универзален клуч, нејзината перфекционираност јасно ги селектира информациите со кои врши промоција на книжевната уметност. Живеејќи неколку животи паралелно - како читател и автор, приврзаничка е на ендемичниот вид на автори, модерен конзервативец кога се во прашање вредностите на животот, а истовремено, вечна вљубеничка во убавото.

НЕМА КОМЕНТАРИ