Soleta zeroEnergy е самоодржлива куќа за чиј дизајн е заслужен тимот на романската фондација FIST (Foundation for Inventics and Sustainable Technologies). Куќата може да се пофали со паметен состав кој ги комбинира оние обновливи извори на енергија кои се достапни на подрачјето каде се монтира. Најчесто станува збор за соларна, геотермална и енергија од ветрот. Soleta куќите се изработени од природни, локално достапни материјали, со исклучок на полиуретанската топлинска изолација и гипсените плочи кои се поставени за ѕидни прегради во ентериерот. 97 проценти од нејзиниот состав го сочинуваат материјали кои може да се рециклираат, со што се издвојува како една од најдобрите самоодржливи куќи на пазарот. Во неа се испреплетуваат удобноста, функционалноста и дизајнот, па сосема соодветна е за семеен дом или викендичка. Ентериерот од 48 метри квадратни, од кои девет квадрати припаѓаат на делот за спиење, и екстериерот од 22 метри квадратни споени се во единствена функционална целина. Куќата нема типичен кров, туку е заоблена, со што се зголемува енергетската одржливост и избегнуваат класичните ѕидови. Предниот дел е речиси целиот во стакло за куќата да добива природна светлина и топлина. Опремена е со вграден камин, простор за собирање и филтер за прочистување на дождовницата, а со некои делови може да се управува и преку паметен телефон. Според желбите на купувачите, може да има и дополнителни содржини како што се: базен, стаклена градина, сауна, гаража или тераса. Интересен податок за потенцијалните сопственици е дека Soleta може да се нарача на интернет, во четири големини, и се доставува до било каде низ светот.
Мала еколошка куќичка
Soleta zeroEnergy е една од најдобрите самоодржливи куќи на пазарот.