Коси од розева волница

Ќерка ми се вика Солза. Солза – како капката што ми виснуваше од крајчето на окото додека со стиснати заби ѝ давав род. Солза – како водицата во која ми се капеше насмевката кога првпат ѝ го стиснав телцето во рацете. Им го носи името на мравите кои сега сакам да ги пуштам да закапнат и да престанат да ми се тискаат како лепливи кнедли под клепките, ама не можам. Не можам. Оти слободна не сум. Оти слободна никогаш повеќе не ќе бидам.

 

Кога ја родив мојата Солза, мислев дека нема поголема болештина на светот. Мислев дека кога тоа парчелдисување сум го издржала, ќе можам да издржам сѐ. Мислев дека секоја тегоба е проследена со радост, оти со Солза така бидна. Мислев многу нешта, ама никогаш не помислив дека крајот ми е близу, дека ме чека пред портите како верно куче. Денот кога почувствував како смртниот срп минува низ мене, видов како среќата на моите најмили замира како оддувана свеќа. Нивното скрбно јачење, додека со стиснати тупаници ми ги удираа ладните гради, ме раскина. Тука сум, им викав. Овде сум, повторував. Ама тие не слушаа.

 

Телото ми го закопаа на градското почивалиште. После тоа немаше радост. После тоа не можеше да има радост.

 

Четириесет дена и четириесет ноќи талкав без тело низ куќата моја. Бев секаде, а ме немаше никаде. Ми ја немаше сенката, ми го немаше одразот, не постоеше ни тропотот на мојот чекор. Навечер си легнував до мажот мој и го гледав како го брчка лицето в сон. Зборуваше во спиење, ми го довикуваше името. Тука сум, сакав да се јавам, ама немав уста за да испуштам глас. Се припивав поблизу до него, а тој се стресуваше од студ. Сакав да се сврти кон мене, да ми каже дека ме сеќава. Ама тој само ќе се допокриеше и ќе останеше свртен со грб, не доближувајќи се до мојата страна на креветот. Пред да осамне одев кај Солза в соба. Таа беше мала, сѐ уште непркнато главче. Клекнував до нејзиното кусо креветче и ја гледав како брзо позема здивчиња. Спиеше со устето отворено како расцепена калинка, завиена во косиче оросено со капки пот кои како китки од јоргован ѝ светкаа врз влакненцата. Солза саноќ преткаше, се бореше со некакви мори што ја измачуваа. Знаев дека јас сум виновна, дека дел од мене останал таму за таа да продолжи да ме гледа. Солза си го ронеше името врз образите насоне, а јас целата пукав, како душа што пука, оти од мене само душа остана.

 

Солза сега плаче, а јас не можам да ѝ се приближам како тогаш. Не можам да се обидам да ја гушнам, а таа да се стресе од мојата мртва близина. Си го вкопува лицето во прекривките, цвили, се препелка во младешки патила. Сакам да дотрчам до неа, да ѝ ги обгрнам слабуњавите рамења и да ѝ понудам утеха во недрата мои. Сакам да ѝ ги вплетам прстите во косите и да ја коткам додека не падне ноќта и не ѝ засуви тешкотијата. Ама не можам да мрднам оти сум прикована за ѕидот, со очите вкочанети, со погледот застаклен кон полиците кои отспротива се спуштаат од таванот. Солза плаче, си го рони името врз образите. Да имав срце ќе ми се откинеше од градите, ама пластичната празнина ме роби, ме трпне на животот.

 

Окалбава отпочна кога тие тргнаа да ми го речат последното збогум. Се качив со нив во колата. Им беше ладно од моето неземно присуство и мажот мој постојано го појачуваше парното. Молчеа и двајцата. Тој одвреме – навреме погледнуваше кон задното седиште како да стрепи дека Солза ќе исчезне ако не се сврти. А таа со тапо лице ѝврзуваше кикички на куклата со коси од розева волница. Колата запре на гробиштата. Солза не сакаше да истапне надвор. Татко ѝ ја молеше да излезе, само уште еднаш, самоуште тогаш. Не сакам да одам, викна Солза и си го срони името во косите на куклата. Мама ќе се врати, рече. Јас целата се собрав како презреана мушмула. Се допрев до неа, а таа затрепери од мојата близина. Како тревче затрепери. Како откинато листенце. Татко ѝ ја дограби со рацете и силно ја прегрна, како да е јаже што ја држи да не се распадне. Мама ќе се врати, повтори Солза. А мажот мој само немо си ја пушти тагата да му потече по образите.

 

Застанав на плочникот пред сопствениот гроб, додека капките дождец минеа низ мене како низ измаглина. Зедов молкома да му се молам на Бога и на сите ангели да ѝ помогнат на ќерка ми побрзо да ме заборави. Ги молев да ѝ го бришат името што си го рони на образите, и да бидат со неа оти јас веќе не ќе можам да бидам. Солза клечеше долу и, сета калосана, силно ја стискаше куклата со коси од розева волница. Татко ѝ ѝ ги тупкаше рамената и ѝ велеше дека сѐ ќе помине. Нека помине, ги молев Бога и сите ангели, поскоро нека помине. Мигум, телото почнува да ми се откинува од земјата. Беше пребрзо. Беше прерано. Не бев подготвена да се простам. Не бев подготвена да ги заборавам. Се опирав и пробував да се прикрепам за нешто, ама нештата само минуваа низ мене. Се опирав и претав колку што може една душа да прета. Ама летав сѐ повисоко и повисоко, ги гледав девојчето мое и мажот мој како стануваат сѐ подалечни, како им станува сѐ потопло оти со мене заминуваше и студот на мртвилото. Не сакав да ги пуштам, не сакав да заминам.

 

Одникаде, светот исчезна од пред мене и се најдов во темен тунел со светлина што да имав очи – би ми ги изгорела. Светлината ме шмукаше накај себе, ме влечеше, а јас со заумените раце се гребев за ѕидовите на тунелот, со заумените нозе трчав назад, ги лизгав по земјата и го кочев мојот замин. Не сакам вечен покој, викав, само сакам да бидам со девојчето мое. Само сакам да бидам со девојчето мое! Вриштев безгласно, и почнав да колнам сѐ земно и надземно, сѐ смртно и бесмртно.

 

Некој мора да ме слушна, некој мора да се смили, оти во следниот миг ги сетив рачињата на Солза околу мене, сетив како си го брише носето од моите коси, ѝ го слушнав срценцето како ѝ чука додека го притиска врз моите плеќи. Солза ме стискаше, Солза ја стискаше куклата со коси од розева волница додека Татко ѝ ја влечкаше до колата. Ме стискаше додека се одвезуваа до куќата и кога татко ѝ ѝ ја покри снагата ѝ ѝ дошепна да спие, и убави нешта да сончува. Солза ме стискаше и долго потоа, додека си го ронеше името на образите, и на перницата, и во чаршафите, и додека си го ронеше името во моите коси од розева волница.

 

Тие денови, тие години бев најсреќна и мислев дека засекогаш ќе траат. Се лажев дека засекогаш ќе траат. Се сеќавам дека ми изгледаше дека Солза ми го чувствува присуството, и дека затоа не се одделува од куклата со коси од розева волница. Често ми готвеше јадења и ми налеваше чај во чашките што со татко ѝ ѝ ги купивме за роденден. На крај самата си го пиеше оти јас не можев уста да отворам. Некогаш ќе ми ги затвореше тврдите очни капаци и ќе ми дозволеше и мене да одморам. Секојпат кога ќе ми ги фатеше косите во кикички, и секојпат кога ќе ми направеше венчиња од шарени шноли, мислев дека Солза знае дека сум до неа. Секојпат кога ќе си ја испуштеше пред мене тагата што ѝ се тагареше в гради, ми изгледаше дека знае дека не сум ја напуштила. Мислев дека знае кога ми кажа за нејзината најдобра другарка, и за нејзината прва петка по математика, и за првата симпатија, и за првата љубовна болка. Мислев дека знае и кога ми се пожали дека ја боли стомачето оти прокрварила, оти девојка станала, и ми рече дека веќе не може да си игра со кукли и пластични чавчиња, и дека ѝ дошло време да се дружи и да излегува. Тогаш Солза ме закачи на ѕидот и почна подоцна да се враќа и да ме остава обеспокоена. Стрепев саноќ за девојчето мое, се умев и думав дали ќе се врати здрава и жива, среќна или расплакана. Некогаш, трезна или потпијанета, ќе ме симнеше од ѕидот, ќе ми ги бакнеше образите со усните врели како варени костени и ќе ми речеше дека сите тајни ѝ се во мене, и дека сум ѝ и мајка, и сестра, и најдобра друшка. Се прашував дали Солза знае дека сум тука кога, секојпат кога ќе се скараше со татко ѝ, доаѓаше и мене ми се жалеше, кога велеше дека тој не ја разбира и дека многу нешта ѝ забранува, и дека многу се грижи, а не треба, оти таа е паметна девојка. Солза велеше дека татко ѝ не ѝ верува, а јас сакав да ѝ речам дека тој само се грижи, и дека се грижи за двајца, оти јас бев заробена во кукла од тврда пластика. Солза ми раскажа многу нешта. Ја гледав како расте, како се смее и плаче, како срцето ѝ се крши и пак ѝ заздравува. И некако, на некаков начин,чувствував дека сум таму за неа, и дека моето тело од пластика се топи под нејзиниот допир, и дека таа може да сети дека сум жива, дека не сум само кукла со очи расцепени како угаснати јаглени што ниту ја гледа, ниту ја разбира.

 

Солза сега плаче, а јас сум беспомошна. Пробувам да мрднам со рацете, пробувам да претнам со нозете, ама не можам. Ја гледам како го врти главчето и ме погледнува. Станува од креветот и ми се доближува. Чинам ми ги чита мислите во очите џамлии, чинам ми ги чита и за последен пат си го рони името на образите. Ме откачува од ѕидот и излегува од собата. Татко ѝ ја прашува каде ќе оди. Во подрумот, му вели таа. Тој ме погледнува. Во очите му ја гледам љубовта насушна. Те сакам, му велам, секогаш ќе те сакам. Тој ме гледа уште малку, погледнува во Солза и кимнува. Буричка во џебот и му ги подава клучевите од подрумот на девојчето мое. Солза ги зема и брзо излегува. Се затрчува по скалите удолу, небаре се плаши да не се премисли.

 

Клучевите ѕангарат додека Солза ја отклучува вратата од подрумот. Гледам влажно е. Гледам темно е. Мора да мириса на мувла и спомени. Мора да мириса на заборав. Солза оди во ќошот и распретува во кутиите. Наоѓа една полупразна и ми го легнува телото во неа. Ја гледам. Ме гледа. Ѝ го чувствувам името како ѝ се рони врз моето лице од пластика. Ѝ го чувствувам името како ѝ паѓа во моите очи, угаснати јаглени, и ми ги полни, и ми се меша со солзите кои сакам, а никако не можам да ги пуштам да капнат.

 

Тргнува да замине, ама се повраќа, ме зема од кутијата и силно ме прегрнува. За последен пат стоиме така: Солза згрчена околу моите коси од розева волница, јас стопена во нејзините рачиња. Знам дека е последен оти така ми го гушкаше телото и пред да заминам, пред да исчезнам. Пред да се престорам во пластика. Збогум, девојче мое, сакам да ѝ речам, ама не можам, оти устите ми се здрвени. Солза за последен пат ме погледнува и ме бакнува во образот. Сакам Солза и очите да ми ги затвори, ама не ѝ текнува. Ги фаќа капаците на кутијата и полека ги затвора. Ѝ го гледам личенцето како ѝ се преполовува, како се смалува, како исчезнува. Пред мртвиве очи ми минуваат сите наши спомени. Утробата ми се кине и Солза оттаму излегува. Го слушам нејзиниот прв плач. Го опипувам нејзиното лигаво ситно телце со рацете. Нејзините запчиња ми ги грицкаат пупките на боските. Ја слушам како се кикоти кога со татко ѝ ја луламе на лулашките. Ѝги слушам ситните стапки кога навечер трчка до нашата постела оти нешто лошо сончувала. Ѝ го мирискам косичето што ми ги скокотка носниците. Солза веќе не спие со играчки. Чај пие со другарки. Веќе не плаче по мене, ами по момчиња. Солза ми порасна.

 

Капакот на кутијата се склопува. Мрачнината ми го тиска телото како нараснато тесто. Клучевите тропкаат, се завртуваат во клучалката на вратата од подрумот. Ги слушам чекорите на Солза како се оддалечуваат. Ги слушам чекорите на девојчето мое како ме оставаат. Ама не е важно. Овојпат нема да се опирам. Не оти не можам. Не оти не сакам. Ами оти порано или подоцна, Солза ќе мора да ги одрасне моите коси од розева волница.

 

 

– Верче Карафилоска

„Коси од розева волница“ – добитник на наградата „Живко Чинго“ во 2014

Коментари

коментари

СПОДЕЛИ
Претходна објаваСамовили направени од жица
Следна објаваНајлегендарните фризури од филмовите
Задолжена за најблагорoдната навика, наклонетоста кон книги. Стои на ставот дека умереноста е универзален клуч, нејзината перфекционираност јасно ги селектира информациите со кои врши промоција на книжевната уметност. Живеејќи неколку животи паралелно - како читател и автор, приврзаничка е на ендемичниот вид на автори, модерен конзервативец кога се во прашање вредностите на животот, а истовремено, вечна вљубеничка во убавото.

НЕМА КОМЕНТАРИ