001,,Напната, филозофски елегантна и морално комплексна книга.”

Парабола на тешкотиите на повоените генерации на Германија, во обид да се преброди траумата од Холокаустот – борбата да се преживее и покрај условите на минатото, навидум непозната, но оставена во наследство на онаа генерација која не даде своја партиципација во истото, но сепак имантно на својот грб го носи сведоштвото и бремето на најголемото злостосторство против човештвото. Ова се водечките прашања кои го маркираат преминот од доцен 20ти кон ран 21ви век, без да избледат сеќавањата и емпатијата кон жртвите и сведоците.

,,Желби, спомени, стравови, страст – формираат лавиринти во кои се губиме за да се најдеме, а потоа се губиме себеси повторно.”

Напишан во прво лице: гледна точка на младиот Мајкл Берг, првин перцепиран како 15 годишник, а подоцна и во периодот на своите студии по право; за кој се верува, по завршувањето на романот дека метафизичкиот наративен карактер на Шлинк е, во суштина, автобиографско дело кое го надградува во вештачки кредибилитет и авторитет. Апсолутно нормален жител (во рамките на тогашно „нормално“) во 60тите години на минатиот век, Западна Германија, Мајкл е симпатичен лик и покрај неговата интровертност, емотивна дистанца и егоцентричност – имено, се случува да влезе во улога на случаен партиципиент во сопствената врска со видно постарата Хана Шмиц, припадничка на работничката класа, чие лице е облеано со сјај. Брзото заведување и примената на сексуалната тензија помеѓу овие два, меѓусебно забранети ликови води кон неочекувано, но искрено и вистинско пријателство кое укажува на најголем показател на зрелост. Се’ до моментот кога Хана исчезнува, а Мајкл е згрозен и скршен од неочекуваниот крај на врската. И одлучува да ја најде, без да претпостави дека ќе се најде очи в очи со страшната вистина

Дејствието се премостува во Нинберг, каде судењето опфаќа епски размери кои ќе ја потресат тогашната и денешната јавност; во онолкава мера колку што грозоморниот нацистички акт видно ја помести Земјата од сопствената оска. Романот е исполнет со вина – индивидуална, колективна, човечна. Хана е една од директно инволвираните виновници, како чувар на Аушвиц. Мајкл сноси вина за предавство. Многу други се виновни поради своето (не)свесно соучесништво. Преживеаните се виновни што преживеале… Одговорите со кои се бара оправдување и прошка, нема да го изменат она што навистина, за жал се случило.

,,Што е законот?
Она што е во книгите или она што всушност е донесено за послушност во општеството?
Или законот треба да ги донесе послушните, без оглед дали е во книга или дали е правилен?”

Високо препорачлива и високо рангирана, адаптирана и на големото платно, „Читачот“ се обраќа на наследената вина што Холокаустот ја остави позади себе – Хана, за време на судењето, сосема на место прашува „Што би направиле Вие, да бевте на мое место?“, притоа упатувајќи го на секој еден што се соочува со овие страници и оваа вистина. Комплексноста на оваа парадигма ниту се расветлила, ниту ќе успее да ја измие дамката која неправедно беше нанесена на човечкиот род, и не така одамна.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваЉубов | Гане Тодоровски
Следна објаваФото на денот | Позитано
Задолжена за најблагорoдната навика, наклонетоста кон книги. Стои на ставот дека умереноста е универзален клуч, нејзината перфекционираност јасно ги селектира информациите со кои врши промоција на книжевната уметност. Живеејќи неколку животи паралелно - како читател и автор, приврзаничка е на ендемичниот вид на автори, модерен конзервативец кога се во прашање вредностите на животот, а истовремено, вечна вљубеничка во убавото.

НЕМА КОМЕНТАРИ