1

„Живееме во свет. Тоа е најчудната реченица што може да се напише. Да се живее во нешто – тоа е веќе понижувачка ситуација. Да се живее надвор од нешто – тоа е супериорна ситуација. Да се живее, на пример, надвор од стадото, од толпата, од јатото. Големите летаат сами, не во јато. Но да се живее во нешто е во извесна смисла тажно. Тоа живеење во нешто значи странствување, значи да се биде туѓинец во светот. Впрочем, нема човек кој не застанал пред светот и не се прашал: дали сум и јас дел од него, или сум само засаден во тоа што ме опкружува, како туѓинец? Тие чувства на процеп меѓу човекот и светот се зголемуваат уште повеќе кога ќе се погледне во ѕвезденото небо. Тогаш станува јасно дека светот мора да има свој дизајнер, свој творец. И дека светот наликува на книга, затоа што и тој, како и книгите ни испраќа различни пораки. Што сѐ ни говори светот сфатен како голема книга? Ни говори дека темните облаци навестуваат дожд, ни говори дека во природата посилните ги јадат послабите (како и во општеството), дека некои билки се лековити, а некои не, дека можеме да стекнеме повластица ако го собираме медот и плодовите…

Но, тој свет ни говори и нешто многу, многу важно. Дури мислам дека и сите други пораки што ни ги кажува тој свет, таа книга отворена, се сведуваат на една единствена порака – дека некое јас ни го говори сето ова. Тоа е како роман кој, покрај тоа што ви говори за некаков свет, постојано ви става до знаење дека има и творец. Замислете дека во некој роман писателот постојано пишува ваква реченица: „Јас, како писател, не се согласувам со тоа што мојот лик сега ќе го каже, ама должен сум да му ја позајмам мојата уста…“

Ако е така, ако светот е текст на некаква книга, тогаш тој, како и секој текст – има свој творец. И светот и текстот, покрај тоа што имаат творец, имаат и смисла, односно носат некаква порака, која треба да се разбере. Пораките што ни ги испраќа светот, се разбира, се далеку понеразбирливи од пораките на некој роман. Но сепак, постојат. Ако текстот (на еден роман, на пример) има способност да проектира свет, тогаш и светот сфатен како текст би требало да проектира некаков свет зад себе, свет на смислата. Не мислам тука само на природните, практични пораки – ако расцутат доцна дрвјата, зимата ќе биде долга, или – ако касаат мувите, ќе врне, ако ластовиците летаат ниско – ќе има невреме. Мислам и на тоа дека човек во сѐ сака да пронајде некаква смисла. Никој нема да оспори дека човекот го создал тркалото по углед на сонцето, односно сликата на сонцето кое се тркала по небото и со тоа си овозможил цивилизациски растеж од несогледливи последици; дека подморниците се копија на рибите, а камп-приколките копија на полжавот, авионите копија на птиците, куќата е копија на утробата. Сето тоа се пораки. А што да кажеме за симболите? Тие се доказ дека дури и таму каде што можеби нема јасна порака, ние ја произведуваме. Птицата симболизира копнеж, далечина, идеал. Кој рекол дека е така? “

– извадок од
„Ќерката на математичарот“ – Венко Андоновски

СПОДЕЛИ
Претходна објаваФото на денот | Спремни за фотографирање
Следна објаваКултурни настани во ,,Дом на млади Штип”
Задолжена за најблагорoдната навика, наклонетоста кон книги. Стои на ставот дека умереноста е универзален клуч, нејзината перфекционираност јасно ги селектира информациите со кои врши промоција на книжевната уметност. Живеејќи неколку животи паралелно - како читател и автор, приврзаничка е на ендемичниот вид на автори, модерен конзервативец кога се во прашање вредностите на животот, а истовремено, вечна вљубеничка во убавото.

НЕМА КОМЕНТАРИ