„Како може да кажете кога едно парче е завршено?“

– „Не можете. Се’ што можам да кажам е, кога очигледно не можете да направите ништо околу тоа, тогаш треба да запрете. Во спротивно, ќе го уништите делото.“

Жив историски роман чие истражување за Фиренца во 17тиот век го прави чудо од книга: освежувачки поинаква, историски поткрепена и уметнички настроена… доколку уживате во историските фикции со примеси на уметност, тогаш приказната за Давид, статуата на Микеланџело е вистинскиот избор за Вас. Ремек-делото на Микеланџело е познато во целиот свет. Милиони луѓе маршираат низ Фиренца долж вековите за да го искажат својот восхит кон физичката перфекција на еден млад човек заробен во мермер. Но, идентитетот на моделот не е познат… барем не до наративната способност на Мери Хофман.

„Давид“ е всушност, епска приказна за Габриел, братот по млеко на познатиот уметник и склуптор, Микеланџело. Со 18 години и празни џебови, Габриел пристигнува во Фиренца патувајќи со својот ентузијазам, барајќи работа. Наивен и млад, неспособен за практично разбирање на поширокиот свет. Освестен и ограбен од страна на припадничка на аристократијата, Габриел конечно се вдомува кај неговиот „брат“ и браќата на неговиот брат, откако тој се враќа во Фиренца. Анџело, како што Габриел го нарекува, е вистински гениј во своето творештво. До точка на опсесија, неговите артистички способности се искачени на максимум и романот сведочи за визуелизација на неговото маркантно дело. Анџело (Микеланџело) зема напуштено парче мермер и го претвора во моќен симбол на Република Фиренца. Две години работа и поставување на нејзин израз кој се срами од сопствената убавина и тоне во наивност – Габриел станува лицето на Давид, без притоа да му стане удобно во неговата гола форма. Преку процесот на учење и спознавање на вистинската љубов: уметноста, семејството, верноста, братската приврзаност, Габриел се учи да живее со храброста на Давид. Сложен и предизвикувачки роман со богат приказ на затекнатиот временски период. Раскажувањето од страна на нараторот-главен лик ја прави длабочината на приказната лесно воочлива и исполнета со сведоштво на 80 годинешен старец кој емотивно говори за текот на сопствениот живот. Добро истражен и внимателно прошаран со политички интриги, сепак во својата срцевина себично се држи за својата уметничка намена. Животот на еден уметник во паралела со животот на еден модел… повеќе од книга за млади или книга за возрасни. Повеќе од прирачник за италијанската уметност. Повеќе од восхит и инспирација…

Со препорака концентирана во „секси непосредност на создавањето на едно чудо од склуптура“, со библиско позајмување на ликот на Давид од приказната за соборувањето на Голијат, оваа приказна, покрај уживање ќе Ви пружи и едукација. Без да забележите, ќе ја нахраните сопствената љубопитност и знаење, за сликата позади сликата бидејќи моќта на овие зборови ќе Ве направат нетрпеливи да ја посетите Фиренца при следната можна прилика.

СПОДЕЛИ
Претходна објаваЕдукативни играчки | Brontë Sisters Power Dolls
Следна објаваПрекрасна виолинска изведба на Britain’s Got Talent
Задолжена за најблагорoдната навика, наклонетоста кон книги. Стои на ставот дека умереноста е универзален клуч, нејзината перфекционираност јасно ги селектира информациите со кои врши промоција на книжевната уметност. Живеејќи неколку животи паралелно - како читател и автор, приврзаничка е на ендемичниот вид на автори, модерен конзервативец кога се во прашање вредностите на животот, а истовремено, вечна вљубеничка во убавото.

НЕМА КОМЕНТАРИ